Линкови за пристапност

На повидок решение на спорот за испразнетото сенатско место на Обама?


Првенците на Демократската партија во американскиот Сенат велат дека се подготвени - веднаш кога ќе се разрешат некои правни прашања - да стават крај на контроверзата со именувањето на сенатор на испразнетото место од Илиноис со победата на Барак Обама на претседателските избори.

Водачот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид и демократскиот сенатор „број два“ Дик Дурбин се сретнаа во Конгресот со Роланд Бурис, кој беше назначен да го пополни испразнетото место. Тие најавија дека ќе решат дали да го прифатат Бурис откако неговата сојузна држава Илиноис ја потврди номинацијата.

Сенаторите првично рекоа дека ќе го одбијат демократот Бурис бидејќи него го назначи гувернерот на Илиноис и сопартиец Род Благојевиќ, кој минатиот месец беше уапсен и се брани од слобода под обвинение дека сакал да профитира од назначувањето. Државните претставници на Илиноис не го потврдија назначувањето на Бурис, поради што сенатските лидери велеа дека тој не може да стапи на функцијата.

Меѓутоа, Рид денеска соопшти дека Сенатот очекува одлука од Врховниот суд на Илиноис дали назначувањето најпрвин мора да биде потврдено од органите на таа сојузна држава.
Бурис беше вратен назад кога вчера се обиде да влезе во Конгресот. Доколку биде потврден, 71-годишниот поранешен главен обвинител на Илиноис ќе биде единствениот афро-американски сенатор. Рид и Дурбин инсистираа дека контроверзата околу неговото именување нема никаква расна конотација.

XS
SM
MD
LG