Додека трае судирот во Газа, еврејски и арапски Американци собрани во едно кафуле во Вашингтон веруваат дека мирот е можен.
Се вика „Кафуле на мирот“. Го основал ирачкиот Американец Анас Шалал пред осум години, со желба на едно место да собере луѓе со различни гледишта и да поттикне на разбирање дека судирот еден ден може да биде заменет со мир.
-Резултатите од „Кафулето на мирот“ не секогаш се опипливи – тие се лични, внатрешни. Влијанието е лично - менување на претставите што луѓето ги имаат едни за други, вели Шалал.
Викендов таму се
собраа 50-тина. Една еврејска жена чиј
брат загинал од ракета на Хезболах во 2006-та зеде збор:
-Не може да затвораме очи пред неправдите на обете
страни. Ако се враќаме назад, да се
вратиме во 1933-та, кога моите роднини биле убиени во Чехословачка, или можеби
вашите биле убиени.
По неа говореше млад Арап:
-Согласни сме дека напаѓањето цивили е лошо, причинува жртви и треба да запре. Но ова што сега се случува е практично геноцид.
Рубин Штајн, стручњак за решавање конфликти, смета дека треба да се смени претставата дека конфликтот е спорт во кој има победници и губитници, туку дека се работи за човечки животи и приоритетот да се задоволат основните потреби на луѓето.
Анас Шалал ќе продолжи да собира луѓе во кафулето, надевајќи се дека еден ден ќе има доволно критична маса за мир на Блискиот Исток.