Линкови за пристапност

САД работат на договор за прекин на насилството во Газа


Администрацијата на претседателот Буш вели дека интензивно работи на постигнување договор меѓу страните во конфликтот што би бил трајно решение за неколку клучни прашања. Меѓу нив се: издејствување крај на ракетните напади на Хамас врз Израел, прекин на шверцот на оружје преку тунели од Египет и повторно отворање на контролните пунктови за трговска размена и пренос на намирници. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, која ги откажа сите претходни ангажмани, ги предводи дипломатските напори.

Претставници на Стејт департментот додаваат дека додека САД ја поддржуваат идејата за ставање крај на насилството што е можно побрзо, истовремено се залагаат за постигнување на примирје кое за разлика од претходните ќе биде поодржливо и ќе биде засновано на клучните проблеми на Газа.

За време на фото-сесијата со суданскиот потпретседател Салва Кир Мајардит, претседателот Буш истакна дека договорот за примирје мора еднаш за секогаш да стави крај на ракетните напади на Хамас.

- Сите ние, се разбира, сакаме да видиме прекин на насилството, но не по цена на договор кој нема да спречи оваа криза повторно да се случи. Знам дека луѓето велат нека има примирје и тоа се одлични амбиции, но секое примирје мора да содржи одредени услови, така што Хамас нема да ја користи Газа како место од каде ќе ги лансира своите гранати, кажа претседателот Буш.

На редовниот брифинг за новинарите, портпаролот на Стејт департментот, Шон Мекормак, даде дополнителни информации за американските дипломатски напори.

Тој истакна дека секретарот Рајс се залага за постигнување на договор што ќе опфати три точки – ставање крај на ракетните напади на Хамас, справување со проблемот на тунелите од Египет низ кои Хамас шверцува оружје, и на крај целосно повторно отварање на контролните пунктови на Газа за да се дозволи влез на хуманитарна помош.

Мекормак изјави дека администрацијата предлага засилување на одредбите за меѓународен мониторинг од договорот за контролните пунктови од 2005-та:

- Постојат различни начини да се постигне целта. Што се однесува до премините, постои одредба одговорните за мониторинг од редовите на Палестинската Управа да соработуваат со оние од ЕУ. Некое време, ова функционираше мошне добро на преминот Рафах, меѓу Газа и Египет. Сега, оваа пракса може да служи како пример за повторно отварање на премините. Сепак, сите елементи мора меѓусебно да се совпаднат.

Портпаролот Мекормак истакна дека Рајс од саботата наваму, имала 17 телефонски разговори на оваа тема и тоа главно со колеги од ЕУ. За ситуацијата во Газа, секретарот Рајс разговарала и со египетскиот министер за надворешни работи Ахмед Абул Геит. Портпаролот на Стејт департментот додаде дека Рајс засега не планира да патува во регионот.

XS
SM
MD
LG