Политички извори тврдат дека новоизбраниот американски претседател Барак Обама и претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во понеделник ќе дискутираат за план за стимулирање на американската економија.
Двајцата демократи ќе разговараат за делокругот и временската рамка за пакетот за економска обнова, што делумно има за цел да создаде нови работни места и инвестиции во американските бизниси.
Според весникот „Вашингтон пост“, Пелоси рекла дека сака законот да биде подготвен Обама да го потпише кога ќе ја преземе претседателската функција на 20-ти јануари. Се очекува стимулативниот пакет да чини меѓу 675 и 775 милијарди долари.