Украинскиот претседател Виктор Јушченко изјави дека очекува разговорите со Русија да продолжат во наредните неколку дена, како и да потпише договор до православниот Божиќ на 7-ми јануари. Украина испрати дипломати во неколку европски престолнини за да разговараат за кризата. Русија денес повика да се одржи итна седница на Европскиот парламент за да ги истакне своите поплаки.
Засега нема извештаи за недостиг на гас во Украина. Другите европски држави кои се снабдуваат со гас од руската државна компанија Газпром јавуваат дека доставата е нормална.
Додека двете страни во спорот се обидуваат да ги зацврстат преговарачките позиции, претседателот на Газпром Алексеј Милер изјави дека неговите преговарачи ќе бараат цената за 2009-та да биде 418 долари по 1.000 кубни метри гас.
Американскиот Стејт департмент повика Русија и Украина да го решат проблемот брзо и на транспарентен начин.