Линкови за пристапност

Израел продолжува со армиската офанзива во Појасот Газа, Хамас се заканува со одмазда


Израел продолжува со армиската офанзива против Хамас во Појасот Газа, без оглед на тоа што оваа палестинска милитантна група повика на одмазда за убиството на еден од нејзините главни водачи.

Израелските борбени авиони денес извршија 20 воздушни напади во кои уништија објекти за кои се претпоставува дека припаѓаат на милитантните на Хамас, како и една џамија. Според палестински болнички извори, во еден од нападите загинале три деца кои си играле на улица во Газа.

Израелската офанзива има за цел да ги спречи ракетните напади на Хамас врз израелска територија, но тие сепак продолжија.

Проектил испукан денеска погоди зграда во израелскиот град Ашкелон на југ на земјата, но немаше загинати, ниту повредени.

Хамас се зарече дека ќе се одмази за воздушниот напад во четвртокот во кој загина свештеникот Низар Рајан – првиот нејзин виш претставник убиен во воздушната офанзива.

Израелските власти дозволија на стотици лица со странски пасоши да го напуштат Појасот Газа, што предизвика шпекулации дека Израел подготвува копнена офанзива со илјадници војници насобрани долж границата.

Се очекува денес да бидат евакуирани околу 400 странци од Газа. Во седумдневната офанзива против Хамас загинаа преку 420 Палестинци, а ранети се околу 2.000.

ОН велат дека чевртина од загинатите се цивили. Во ракетните напади на Хамас врз израелска територија од почетокот на најновиот судир, пак, загинаа четворица Израелци, од кои тројца цивили.

Израелската министерка за надворешни работи Ципи Ливни вчера во Франција изјави дека нејзината земја прави разлика меѓу борци и цивили, како и дека во Газа нема хуманитарна криза.

Израелските авиони во нападите бомбардираа клучни владини објекти на Хамас, шверцерски тунели и лансирни места.

Појасот Газа е мало парче територија долж Медитеранското Море, широко 10 а долго 40 километри. Во Појасот Газа живеат околу 1,5 милион лица и тоа е едно од најгусто населените подрачја во светот.

XS
SM
MD
LG