Линкови за пристапност

Кинезите полагаат големи надежи во Барак Обама


Американската амбасада во Пекинг организираше прием во чест на претседателските избори во САД и им дозволи и на гостите – кинески државјани да гласаат. Од близу 300 гласови, три четвртини беа за новоизбраниот претседател Барак Обама.

21-годишната студентка Ванг Диан вака ги артикулираше очекувањата од новата администрација на чело со Обама:

- Мислам дека му е јасно колку се важни пријателските односи со Кина и особено развивањето на трговските односи. Се надевам дека тој ќе помогне САД да се извлечат од финансиската криза, затоа што тоа ќе помогне на целата светска економија.

Ху Жен, на 23 години, има поспецифични грижи:

- Се надевам дека ќе биде полесно кинеските студенти да добијат виза за студирање во САД.

Кинеската влада го поздрави изборот на Обама, но портпаролот на Министерството за надворешни работи го кажа и ова:

- Владата на Кина сака да се зголеми меѓусебното разбирање, доверба и соработка врз база на трите заеднички коминикеа, така што внимателно ќе се постапува со чувствителните прашања.

Кина и САД ќе одбележат 30 години дипломатски односи, но чувствителни прашања - има. Едно од нив е Тајван.

Кина го смета Тајван за своја територија и вети дека ќе употреби сила за да го одбрани. САД ја променија одлуката за признавање на Тајпеј во 1979-та со признавањето на Пекинг, но исто така велат дека ќе му помогнат на Тајван да се одбрани од евентуална агресија.

Професорот по меѓународни односи на Универзитет от Ренмин во Пекинг Чи Јинхонг смета дека Тајван не е единственото спорно прашање:

- Иако кинеско-американските односи значително се подобрени, трговските несогласувања стануваат поинтензивни. Но, проблематични се и човековите права, Тибет и прашањата за заштита на човековата околина.

Тао Вензао е од Кинеската академија за општествени науки. Тој препорачува постепен приод во однос на демократијата:

- Денг Ксаопинг предвиде дека во 2050-та ќе имаме избори, но не сме сигурни дали тоа ќе се случи до тогаш.

Не само Тао, туку никој не предвидува радикални промени во Кина во блиска иднина, и покрај искуството на гласање што Кинезите го имаа во американската амбасада за идниот американски претседател.

XS
SM
MD
LG