Арапските лидери повикуваат на единство меѓу Палестинците, како начин да се справат со израелската офанзива врз цели на Хамас во Појасот Газа.
Министрите за надворешни работи на Арапската лига дискутираат за конфликтот на денешната вонредна седница во Каиро.
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Сауд ал-Фаисал истакна дека арапските земји нема да им подадат рака на Палестинците, се додека тие имаат разединети ставови.
Тој ги повика владата на претседателот Махмуд Абас на Западниот брег и на Хамас во Газа да одржат средба на која би се формирала влада на национално единство.
Останатите светски сили вклучувајќи ги и САД, повикуваат на итно примирје меѓу Израел и Хамас.
Турскиот премиер Таип Ердоган се наоѓа во посета на Сирија на разговори за најновата блискоисточна криза, а веднаш потоа ќе замине за Јордан.