Линкови за пристапност

Економската криза во САД се одрази на продажбата за празниците


Иако се` уште нема конечна бројка, продажбата во САД за време на празниците опадна. Многу Американци, со оглед на економската криза, двапати размислуваат пред да потрошат пари, така што трговците мораа значително да ги намалат цените за да спасат што може да се спаси.

Според прелиминарните резултати, во текот на минатата година продажбата паднала за осум проценти, најповеќе поради намаленото купување на облека, електроника и луксузни производи. Продавниците се обидуваат да ја намалат загубата со големи попусти – и до 70 отсто. Тоа беше добра вест за потрошувачите, барем за оние кои можеа да си дозволат да потрошат пари:

Аналитичарот Маршал Коен вели - целта на попустот е да се продаде натрупаната стока, „што е можно повеќе, со цел трговците да соберат пари и да се подготват за наредниот пат кога потрошувачот ќе има што да потроши“.

Аналитичарите тврдат дека во прашање е дури опстанокот на некои синџири на продавници – една индустриска група смета дека околу 150 илади продажни места ќе стават катанец на врата до крајот на оваа година во САД. Советникот на групата Ритеил Индастри Хауард Давидовиц, пак, предвидува – во првата половина на 2009-та ќе затворат околу 73 илјади, или, како што додава, “ќе бидат затворени цели трговски центри, многу продавници“.

Сепак, аналитичарот Барт Фликингер смета дека некои продавници од сето ова ќе забележат профит, особено оние кои продаваат храна, лекови и стока на попуст.

Според една индустриска група, ова е најлоша сезона од 1969-тата. Многу продавници најавуваат нов голем попуст во јануари, надевајќи се барем да ја намалат загубата.

XS
SM
MD
LG