Линкови за пристапност

Европа срдечно ја поздрави победата на Обама – колку долго ќе трае „медениот месец“?


Европа срдечно реагираше на победата на Барак Обама на претседателските избори во САД. Преовладува оптимизам дека овој претседател ќе има слух за европските ставови и потреби. Но, кои ќе бидат главните теми на релација САД – Европа?

Економска криза - војни - заштита на животната средина. Тоа се трите главни теми на кои Барак Обама треба итно да им посвети внимание, веднаш по инаугурацијата.

Како ќе се справи со нив – на тоа особено ќе се внимава од другата страна на Атлантикот.

Политичкиот економист Валтрид Шелке од Лондонската школа за економија вели дека справувањето со економската криза е преголем залак само за еден политичар или земја. Па сепак, додава Шелке, „генерално, цела Европа, а особено Германците се надеваат дека САД ќе продолжат со потрошувачката и ќе претставуваат голем пазар за извоз на нашите добра, истовремено жалејќи се дека Американците не штедат доволно! Тоа е контрадикторна позиција. Европа се надева дека на крајот ќе има координиран напор за стимулирање на светската економија и нормализирање на ситуацијата“.

Безбедносните прашања и тероризмот исто така значително ќе влијаат врз идните односите меѓу САД и Европа. Британскиот експерт од областа на одбраната Франсис Туса го подвлекува фактот дека обете страни се воено вклучени во Авганистан:

- Сметам дека меѓу првите нешта во разговор со Европејците Барак Обама ќе побара да се укинат ограничувањата за силите кои веќе се распоредени во Авганистан, а од оние земји кои немаат дадено војници, тој нема да очекува само воена полиција или мали медицински екипи, туку борбени сили.

Изминативе осум години од мандатот на претседателот Џорџ Буш, Европејците ги критикуваа САД за недоволно лидерство во справувањето со проблемите како глобалното затоплување и заштитата на животната средина. Сега се надеваат дека тоа ќе се промени и дека Обама успешно ќе комбинира економски стимулативни програми со проекти за заштита на животната средина.

Без оглед дали се работи за економски прашања, безбедност, војна и мир, или животна средина, поголемиот дел од светот очекува многу од новиот американски претседател како во однос на лидерството, така и во областа на соработката.

XS
SM
MD
LG