Линкови за пристапност

Предвремен почеток на изборната кампања


Посети на пазари, ниви, фабрики, трибини за актуелни прашања - стана дел од секојдневните информации за тоа како македонските политичари ги оправдуваат парите од граѓаните. Во услови кога земјата се наоѓа пред двојни избори на почетокот на следната година, многумина оваа зголемена ангажираност ја поврзуваат со неофицијален почеток на предизборна кампања.

Најголемите критики се на мета на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чии министри и пратеници секојдневно се на терен. Но, од партијата велат дека не се работи за кампања, туку дека тоа е дел од нивната стратегија, за политичарите да останат во контакт со граѓаните.

Нашите функционери во континуитет целиот изминат период од три години колку што сме на власт е во постојан близок контакт со граѓаните и постојано работат во интерес на граѓаните на РМ, а тоа најдобро може да го направите доколку директно одите на терен и слушате за сите нивни потреби“, вели Оливер Шамбевски.

Токму прерано започнатата кампања беше забелешка и пред одржувањето на вонредните парламентарни избори. Невладините организации предупредуваат дека овој пример, каде никој не сносеше одговорност, не смее да се повтори.

Слаѓана Тасева од „Транспарентност Нулта корупција“ критикува дека тоа што во новиот изборен закон не е посветен простор токму на овој проблем, е голем пропуст:

„ Ние немаме друг механизам и не постои друг начин, освен тоа да се уреди во закон и да се каже што е активност на кампања, кога може да се започне кампања, а што ако некој констатира дека се започнало со предвремена кампања и како може да се санкционира одреден политички усбјект, што започнал таква кампања. Има држави каде не е дозволено да се учествува на избори, во такви ситуации. Значи, решенија, механизми и модели постојат, треба само да ги вградиме, но тврдам дека кај нас се уште не постои политичка волја затоа што само пред неколку месеци тоа не беше усвоено“.

Според неа, остануваат единствено казните како санкција, парични или забрана на политичкиот субјект, но признава дека тоа досега во Македонија не се случило.

Државната изборна комисија нема механизми да ги спречи ваквите активности, освен да апелира, вели Александар Новаковски.

„ Се работи за посети на пратеници и функционери од различни партии и тие се проследени со медиумски куќи и сето тоа треба сите надлежни институции да утврдат дали тоа го вршат во рамките на редовните активности“.

XS
SM
MD
LG