Линкови за пристапност

Вредноста на недвижнините во САД и натаму паѓа


Според Zillow.com, компанија специјализирана во индустријата на недвижнини, годинава е забележан пад на цените на домовите во САД за преку осум проценти. Ова уследи по девет проценти пад во 2007, што е прв пат просечните цени на домовите во САД да опаднат на толку ниско ниво од 90-та година наваму. Интернет компанијата Zillow.com соопшти дека американските сопственици на недвижнини загубиле два трилиона долари во оваа криза која се смета за најлоша од Втората светска војна наваму.

Американската економија во моментов е во длабока рецесија. Секретарот за финансии, Хенри Полсон вели дека не се очекува опоравување во економијата се додека не почне да расте вредноста на домовите во САД.

Во меѓувреме, кредитните услови во однос на недвижнините се се поповолни, а каматните стапки изнесуваат околу пет проценти. Главниот економист во банката Њујорк Мелон, Ричард Хои изјави дека очекува натамошно намалување на каматните стапки, кои не биле под пет проценти уште од 50-те години.

Сепак, ниските каматни стапки засега не помагаат да се санира пазарот на недвижнини. Во ноември изградбата на нови домови опадна за 19 проценти, што е најниско ниво од 1959 наваму. Околу 12 милиони Американци во моментов имаат кредитни долгови поголеми од вредноста на нивните домови. Кредитната криза што премина во ресеција започна во август 2007-та.

Но има и експерти кои не се согласуваат со идејата дека владата треба да се обиде да ја зголеми вредноста на недвижнините во САД. Џејмс Грант е истакнат финансиски аналитичар во Њујорк.

„Кредитната криза зборува дека постои преголем долг и дека цените на недвижнините биле неразумно зголемувани, особено оние на куќите. Федералната агенда треба да се сведе на интервенција за спречување цените на недвижнините да бидат сведени на пониско ниво".

Повеќето експерти велат доколку се намалат кредитните стапки, можно е опоравување и на вредноста на недвижнините.

XS
SM
MD
LG