Тим од американски лекари изведе прва, речиси целосна, трансплантација на лице
Од клиниката во Кливленд, Охајо соопштија дека лекарите неодамна го извршиле оперативниот зафат врз лицето на жена кое било речиси комплетно изобличено. Од болницата не го обелоденија нејзиното име ниту пак други детали, бидејќи таа не сакала да биде идентификувана.
Ова е четврта по ред трансплантација на лице во светот. Првата беше направена во Франција во 2005 година, врз 38-годишна жена која била повредена во напад од куче. Преку донација Изабел Динор доби нов нос, брада и усни.
Трансплантацијата на лице се смета за контроверзна постапка бидејќи носи огромен ризик и вообичаено се изведува да го подобри квалитетот на живот на пациентот, а не да го продолжи. Пациентите се соочуваат со ризик за компликации и до крајот на животот ќе мора да земаат лекови за да спречат организмот да го отфрли новиот дел на телото.