„Јас не сум голем оптимист дека Македонија ќе добие датум за НАТО или за ЕУ во блиска иднина. Проблем е Грција. Не можам ништо ново да кажам. Македонија до овој момент го исполни својот дел од договорот, реформите што требаше да бидат направени се завршени, и за жал прашањето за членство во НАТО и ЕУ се заглави со Грција. Отежнувачки е фактот што Франција реши да ја поддржи грчката страна, а и не само Франција туку и други европски држави во името на европска солидарност се приклучија на грчката страна“, тоа беше одговорот на Борут Гргиќ, директор на Институтот за стратешки студии во Љубљана кој зборуваше во Вудроу Вилсон Центарот во Вашингтон за тоа каква Европа ќе наследи новата американска администрација.
Мој искрен совет е да се најде компромис по прашањето на името, вели Гргиќ. Како проблем, тој ја посочува, како што кажа, „нефлексибилноста“ на премиерот Никола Груевски, што „не е во интерес на Македонија“. За Грција, Гргиќ вели, „ве уверувам дека нема да попушти“. Тоа е „тажната реалност“, вели тој, зашто Грција е членка на ЕУ , а Македонија не е. Компромисот веројатно треба да го направи Скопје, кажа Гргиќ.
Тој направи паралела со ситуацијата во која се нашла Словенија кога сакала да напредне во процесот за приклучување кон ЕУ. „Преговорите на Словенија беа блокирани од Италијанците. Нам ни требаше „шпанскиот компромис“ и во рамки на тој договор ние практично дадовме се што бараше Италија. Од италијанска страна беше мошне едноставно – ние сме дел од клубот, вие не сте, сакате да влезете, ова се условите. Не е секогаш фер, јас тоа го разбирам , но тоа е реалноста“, кажа директорот на Институтот за стратешки студии во Љубљана Борут Гргиќ во Вудроу Вилсон Центарот во Вашингтон.