Линкови за пристапност

Тајниот свет на култовите


Нов роман истражува како слабите и ранливи се привлечени во деструктивни култови, и како од нив можат да се извлечат.

Култовите се дефинираат како организации кои на своите членови со умисла им ја одземаат моќта и независноста во размислувањето, а целта е корист да имаат само неколкумина од елитата. Тоа не звучи привлечно, но луѓето и натаму се приклучуваат кон култовите, а оние надвор од тој круг, се прашуваат што е убавото во нив.

Авторот Ели Браун ја претставува темната страна на моќниот култ во својот прв роман. „The Great Days“ ги следи искуствата на момчето со име Аугуст Рас.

Рас има 20-тина години. Ги напуштил студиите и се приклучил на, како што сметал, вистинско духовно движење на неговото време. Рас пати од долгогодишна депресија. Доживеал тешки моменти во животот. Заедно со татко му бил во сообраќајна несреќа, преживеал, но видел како татко му умира од повредите. Почнал да бара утеха во нешто што за него имало смисол, нешто што му дало чувство на мир. Го наоѓа во „Движењето“. Станува следбеник на пророкот Папа, по што се преселува на имотот на движењето, во пустина. Таму секојдневно посетува настава, работи напорно, јаде едноставни оброци и одгледува житарки. Сите медитираат и се молат.

По шесте години како верен следбеник на верувањата на овој култ, Рас е на крстопат. Открива дека во структурата на организацијата постои корупција. И тој станува жртва и сведок на сексуална и физичка злоупотреба. Кога членовите на култот почнале да скршнуваат од патеката што претходно ја следеле, тие се изложувани на дисциплински казни кои ги нарекуваат превоспитување. Дисциплинирањето станува се посурово и почнува да се граничи со тортура. Кога увидел дека некој кој многу му значел, бил измачуван, решил да си замине, раскажува Браун за приказната во романот.

Пред да почне да работи на делото, Браун вели дека истражил неколку култови во САД.

Зборот „култ“ го користат луѓето однадвор, вели тој. Луѓето никогаш нема да ви кажат дека се приклучуваат на одреден култ. Јавно е приклучувањето на цркви, паравоени формации, училишта и клиники. Луѓето јавно се приклучуваат на центри за медитирање. Тие бараат да припаѓаат некаде, во заедница. Сакаат некој да ги води. Но многу често тука се појавува организација која тоа го злоупотребува.

Според Рик Рос, основач на непрофитна организација која проучува контроверзни групи и движења, постојат три критериуми за еден култ да се означи како „деструктивен“.

Како прво, на чело се наоѓа апсолутен, авторитарен лидер и групата е водена строго по неговите лични убедувања. Второ, постои процес на индоктринација или образование кое во голема мерка ја одзема на луѓето способноста за независно и критично мислење. И трето, деструктивната група ги експлоатира своите членови. Овде може да станува збор за сексуална злоупотреба, финансиска злоупотреба, злоупотреба на работна сила, а има и поекстремни случаи, кога групите се заминаваат со складирање на оружје, насилство и слично.

Понови видови на култови се терористичките групи. Ал Каида влегува во профилот на деструктивен култ, а Осама бин Ладен е дефинирачки елемент, личност кој ја предводи групата. Истовремено актуелна е и распространетост на старите и нови култови во поранешниот Советски Сојуз и Кина, тука се и Велика Британија, Швајцарија и Франција.

Рик Рос додава дека како и во романот на Ели Браун, членовите на еден култ можат да се спасат само кога ќе ја сфатат вистината за групата кон која се приклучиле и да излезат од неа пред да си нанесат штета себеси и на другите. Овој експерт вели дека подигањето на јавната свест за култовите е од особена важност за да се спречи трендот на приклучување, а со тоа и на овие групи ќе им се отежни процесот на регрутирање на нови следбеници.

XS
SM
MD
LG