Линкови за пристапност

Буш во проштална посета на Багдад, инцидент на прес-конференција


Американскиот претседател во неделата ненајавено го посети Ирак. Џорџ Буш во Багдад се сретна со ирачки претставници и даде поддршка на американските сили за време на својата последна посета на земјата како американски врховен командант.

Броејќи ги последните денови на функцијата, Буш доцна во саботата замина од Вашингтон во ненајавена посета на Багдад. Иако и овојпат замина тајно, за време на посетата - негова четврта од инвазијата под американско раководство во март 2003-та - имаше знаци на промена. По првпат, Буш се упати во цивилни области надвор од строго обезбедената Зелена зона во Багдад. Исто, така, имаше и формална церемонија на дочекување. Соработници на претседателот Буш велат дека намерата му била да сретне со ирачки лица, да се заблагодари на американските сили и дипломати, како и да го прослави постигнувањето на новиот безбедносен договор со ирачката влада. Буш по средбата со ирачкиот премиер Нури Ал-Малики го поздрави направениот напредок, но рече и дека војната се` уште не е завршена.

„Има уште да се сработи“, кажа Буш. „Војната не е завршена. Но, со постигнувањето на спогодбата и со храброста на ирачкиот народ, ирачките сили, американските сили и цивилниот персонал, решително се оди кон пат на победа во неа“.

Па сепак, за време на посетата се случи индицент што претставува потсетник колку војната во Ирак и натаму е контроверзна. Ирачки новинар ги фрли чевлите - еден по еден - кон Буш.

Покажувајќи ги ѓоновите на чевлите - што се смета за навреда според арапските обичаи - новинарот со викотници ги фрли чевлите кон Буш. Веднаш потоа беше изведен од просторијата, а останатите ирачки новинари се извинија.

Буш го отфрли инцидентот како неважен и кажа дека ниту во еден момент не се почувствувал загрозено.

„Новинарите упатија големо извинување“, кажа Буш. „Тие рекоа дека случајот не го претставува ирачкиот народ. Вакви нешта се случуваат во слободни општества каде луѓето се обидуваат да го привлечат вниманието на себе“.

По официјалната средба со ирачки претставници, претседателот со хеликоптер ја напушти Зелената зона и го посети кампот Слобода - американска база близу багдадскиот аеродром. Таму го пречекаа стотици американски војници. Буш возврати на поздравот со тоа што ги пофали нивните напори да ја одржат безбедноста во Ирак.

Ирак, најверојатно, ќе биде фокусната точка на времето што Буш го мина како претседател на САД. Оваа посета делумно беше обид да ја претстави тамошната ситуација во најдобро светло пред да замине од функцијата.

Во Ирак се распоредени околу 150.000 американски војници и помошен персонал.

Над 4.200 американски војници загинаа во Ирак од март 2003-та, кога силите на САД навлегоа во земјата за да го симнат Садам Хусеин од власт

Новиот договор за статусот на американските војници - СОФА, чие постигнување беше поздравено за време на посетата на Буш, предвидува сите американски сили да се повлечат од Ирак до крајот на 2011-та. Буш кажа дека остава добра основа за својот наследник, Барак Обама, кој во предизборната кампања вети дека ќе ја приведе војната кон крај.




XS
SM
MD
LG