Линкови за пристапност

САД продолжуваат со поддршката за целосно интегрирање на Македонија во НАТО


По разговорите во Белата куќа и средбата со заменикот советникот за национална безбедност за состојбите во регионот, министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Коњановски во Пентагон разговараше со заменикот секретар за одбрана Гордон Ингланд.

Коњановски изразил благодарност од Македонија за поддршката што САД и ја даваат на земјата кон целосна НАТО-интеграција, како и за помошта во реформите од областа на одбраната. Коњановски го уверил Ингланд дека Македонија продолжува на тој пат:

„Кажавме дека сме спремни заедно со американските војници и со сите НАТО партнери да учествуваме секаде каде треба да се справиме со тероризмот, со најголемото човечко зло, како и да учествуваме во глобалните мировни процеси.“

Разговорите биле и за состојбите во Косово и распоредувањето на силите на ЕУЛЕКС. На домаќинот министерот Коњановски му пренел дека Република Македонија будно ќе ја следи состојбата на нејзината граница со Косово.

На прашање на Гласот на Америка дали станало збор за можноста за зголемување на бројот македонски мировници во мисијата ИСАФ, Коњановски рече:

„Ја отворивме и таа дискусија. Најпрво, помошникот секретар Гордон Ингланд се заблагодари за нашето учество во Ирак затоа што бевме дел од една успешна мисија. Нашите војници пред два дена се вратија од успешно завршената мисија во Ирак. Успешноста ја оценивме со фактот дека во последно време се зголемуваат странските инвестиции во Ирак што е доказ за јакнење на мирот и инвестициите во оваа земја. Како што заедно дејствуваме во Ирак, спремни сме да продолжиме тоа да го правиме и на други места во светот, вклучително и во Авганистан“.

Од средбата Пентагон произлегло и уверувањето дека следната американска администрација ќе ја продолжи поддршката за Македонија да се приклучи на ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG