Линкови за пристапност

Европа го поздравува Обама, но колку долго ќе трае меденот месец?


Дури и пред официјално да ја преземе функцијата претседател, светот гледа како Барак Обама почнува да се справува со проблемите и кризните ситуации.

За Европејците – финансиите, војната и животната средина се трите најбитни прашања со кои треба да се зафати новоизбраниот американски претседател, а начинот на кој тоа ќе го направи, ќе биде следен со особено внимание.

Со појавата на рецесијата во многу земји во светот, владите се бореа да изнајдат најдобар начин за ублажување на ситуацијата – со масивни пакети за помош и предлози за стимулирање на економиите и креирање нови работни места.

Политичкиот економист Волтруд Шелкле, од Колеџот за економија во Лондон, вели дека опоравување од една ваква криза е голем залак за еден лидер или за една земја, но, додава тој, погледот на Европа и натаму е свртен кон Америка.

„Европа воопшто, а Германците посебно, се надеваат дека во САД ќе дојде до зголемување на потрошувачката и повторно ќе станат голем пазар на нашите производи, но истовремено се жалат дека Американците не штедат доволно. Сепак, Европа се надева дека ќе се дојде до координиран напор за стимулирање и нормализирање на светската економија“, вели Шелкле.

Но, дури и меѓу европските земји постојат разлики за тоа што точно да се преземе.

Безбедносните прашања, тероризмот и војната остануваат главна тема во американско-европските односи. И обете страни се инволвирани во Авганистан, а Обама се изјасни дека успешно завршување на мисијата во оваа земја ќе биде еден од неговите приоритети. Токму затоа Авганистан е високо на агендата, вели британскиот експерт од областа на одбраната, Франсис Туса. Според него, една од првите нешта што ќе ги побарал Обама во разговор со Европејците ќе биде укинување на ограничувањата за трупите кои веќе се распоредени во Авганистан, а од оние земји кои немаат свои војници во оваа земја, новоизбраниот американски лидер немало да бара воена полиција, или мали медицински екипи, туку борбени трупи.

Други не се согласуваат и велат дека дополнителни трупи во Авганистан не се решение на проблемот. Ден Плеш, од Одделот за ориентални и африкански студии при лондонскиот универзитет, вели дека еден од главните проблеми е - коалиционата некомпетентност:

„Не постои единство во командата на коалиционите сили во Авганистан, нема единствена доктрина и не треба само да се обвинува Германија што не испраќа дополнителни трупи. Американските и коалиционите сили покажаа некомпетентност од самиот почеток што остана до крајот во овој конфликт“, истакнува Плеш.

Повеќето аналитичари се согласни дека понагласено воено присуство во Авганистан мора да биде проследено со преговори за успех од некаков вид во оваа земја, како и дека Авганистан е клучен тест за иднината на НАТО.

Изминативе осум години за време на претседателствувањето на Џорџ Буш, Европејците ги критикуваа САД за недостиг на лидерство во справувањето на проблемите како глобалното затоплување и заштитата на животната средина. Сега се надеваат дека тоа ќе се промени, и дека новиот американски лидер ќе донесе економски стимулативни програми заедно со проекти за заштита на животната средина.

Како и да е, без оглед дали се работи за економски прашања, безбедност, војна и мир, или екологија, поголемиот дел од светот очекува многу од новиот американски претседател како во однос на лидерство, така и во областа на соработката.

XS
SM
MD
LG