Линкови за пристапност

Обама го повика Благојевиќ да даде оставка


Новоизбраниот американски претседател Барак Обама го повика гувернерот на сојузната држава Илиноис Род Благојевиќ да даде оставка откако вчера беше уапсен за наводен обид да го „продаде“ испразнетото сенатско место на Обама.

Портпарол на Обама сооошти дека новоизбраниот претседател верува дека под сегашните околности е тешко гувернерот да ја извршува својата работа и да им служи на луѓето во Илиноис.

Благојевиќ беше уапсен во својот дом во Чикаго во вторникот, а накусо потоа пуштен со кауција да се брани од слобода.

Обвинителите тврдат дека овој гувернер, член на Демократската партија, бил снимен како се обидува да го „продаде“ сенатското место на Обама, испразнето со неговиот избор за претседател на САД. Американскиот правобранител Патрик Фицџералд вели дека гувернерот се обидел да ја употреби моќта на својата функција за лични добивки – наводно барал високо платени работни места, пари и друг придонес за кампањата за себе, како и за сопругата, во замена за сенатското место за кое тој, според законите на Илиноис, одлучувал кој ќе седне на него.

Обама, кој го напушти местото накусо по победата на претседателските избори во ноември, во вторникот изјави дека немал контакт со гувернерот или пак неговата канцеларија на таа тема.


XS
SM
MD
LG