Линкови за пристапност

Со помош на виски – до чиста вода


Некои за вискито велат дека има магични својства. Научниците во Шкотска сега открија дека може да помогне и против загадувањето. Нуспродукт на вискито е ни малку – ни повеќе – туку точно 99,96 проценти ефикасен во пречистување на загадените води.

Вискито е национален пијалок во Шкотска. Шкотите велат – чашка лечи настинка. Истражувачите од Универзитетот Абердин велат дека негов нуспродукт, познат под кратенката ДРАМ, може да прочисти вода загадена од хемиклаии. Токсикологот Грем Патон вели:

-Правиме нешто со кое рибите и растенијата во загадена вода ќе може да преживеат, водата да употребува за миење и наводнување – тоа е целта на нашиот проект.

ДРАМ е многу побрзо и поефикасно решение отколку актуелните техники за пречистување, поради тоа што може во еден зафат да острани повеќе видови на загадувачи, како пестициди и тешки метали, претварајќи ја загадената вода доволно безбедна за животната средина. Научниците направиле тестирања на терен ширум Британија - од токсични депоа до објекти за прочистување на водата. Истражувачите се толку задоволни со резултатите што го држат нуспродуктот во тајност и планираат да основаат компанија која ќе го понуди на глобалниот пазар.

-Имаме амбиција не само да се бавиме со Западот, туку и со неразвиените земји како Пакистан и Бангладеш, или во Западна Африка на пример, каде голем дел од нашите фабрики за штавење на кожа опасно ја загадуваат околината. Таму би можеле да го примениме овој одржлив метод и да им помогнеме на луѓето. Чистата вода е право на секој човек, вели Грем Патон.

Истражувачите тврдат дека методот е еколошки издржан. За разлика од актуелните методи, ДРАМ не користи силни хемикалии за прочистување на водата. ДРАМ, едноставно, тврдат научниците, ги заробува загадувачите во својот таен хемиски состав. А, за таквата идеја, вреди да се наздрави!

XS
SM
MD
LG