Последните симптоми на глобалното економско забавување ги погаѓаат богатите земји како Јапонија, а сиромашните мака мачат да ги нахранат жителите.
Јапонската корпорација „Сони“ скрати 8.000 работни места ширум светот – околу пет проценти од својата работна сила во областа на електрониката. Компанијата планира и да затвори 10 проценти од фабриките. Оваа вест дојде во исто време кога јапонската влада објави дека земјата во третиот квартал од годината западнала во уште подлабока рецесија отколку што се предвидувало.
Глобалната економска криза ги погаѓа и жителите во сиромашните земји. Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) вели дека економскиот пад им донел дополнителни проблеми на луѓето кои веќе се најдоа на удар на нараснатите цени на храната претходно годинава. ФАО соопшти дека преку 40 милиони луѓе западнале во категоријата гладни или недоволно ухранети.
И авиокомпаниите ја почувствуваа кризата. Меѓународното здружение за воздухопловен сообраќај јави дека глобалната авионска индустрија бележи најнизок приход во последниве 50 години. Според проценките, индустријата ќе забележи загуба од 2,5 милијарди долари наредната година.