Новоизбраниот американски претседател Барак Обама избра критичар на воената стратегатија во Ирак на администрацијата на Буш да биде иден секретар за ветерански прашања.
Обама му оддаде признание на пензионираниот генерал Ерик Шинсеки, истакнувајќи дека никој не треба да ја доведува во прашање неговата храброст да застане зад американските војници и ветерани.
Генералот Шинсеки беше армиски шеф на вооружените сили на почетокот од ирачката војна во 2003-та. Ја загуби работата во бушовата администрација затоа што изјави дека се потребни повеќе војници за инвазијата отколку што сакаше да испрати неговиот шеф, Доналд Рамсфелд, тогашниот секретар за одбрана.
Обама рече дека генералот бил во право.
Шинсеки растел во Хаваи и има јапонско потекло. Ако биде потврден од Конгресот, тој ќе биде првиот Азиски-Американец на чело на одделот за ветераните.
Одделот за ветерански прашања е една од најголемите агенции во федералната влада. Критичарите велат дека овој оддел не одговорил соодветно на потребите на војниците кои се враќаат од Ирак и од Авганистан.
Обама изрази загриженост што многу ветерани по враќањето од војните имаат огромни проблеми да се вклопат во нормалниот живот, заради високата невработеност, бездомништво, потпаѓање под влијание на пороци, како и несоодветна медициска нега.