Официјален претставник од пакистанската влада изјави дека осомничениот планер на минатомесечниот смртоносен напад во индискиот финансискиот центар Мумбаи е уапсен во Пакистан.
Пакистанската полиција го привела Заки ур Реман Лакви и уште неколку лица за време на акција на безбедносните сили во објекти кои ги користеле припадници на Џамат ут Дават.
Оваа група е истурена организација на забранетата Лашкар е Таиба, милитантна група за која Индија смета дека стои зад нападите.
Индиската полиција соопшти дека единствениот преживеан напаѓач во нападот им рекол дека Лакви е еден од осмислувачите на нападите во Мумбаи.
Полициската акција се случила во неделата во Музафарабад, во областа на Кашмир што е под контрола на Пакистан.
Исламабад демантираше било какво учество во три-дневниот напад во Мумбаи кој почна на 26-ти ноември.
Повеќе од 170 луѓе загинаа, а најмалку 300 беа повредени за време на опсадата.