Претставници на Американската агенција за вселенски истражувања – НАСА, соопштија дека Лабараторијата за научни истражувања на Марс ќе ја испратат две години подоцна од планираното. Првично, возило требаше да биде лансирано во октомври 2009, со цел да се утврдат можни услови за живот.
Раководителот на мисијата, Мајкл Грифин вели дека одлуката е донесена поради проблеми во тестирањата и хардверот.
„Утврдивме дека лансирањето на возилото наредната година, би претставувало огромен ризик“.
Ед Вилер, исто така од раководниот тим, додава дека дополнителното време ќе овозможи потемелно тестирање и решавање на сите технички проблеми. Тој вели дека избегнувањето на каков било ризик е најдоброто решение.
„Неуспехот не е опција за оваа мисија. Науката е премногу важна, а инвестирањето на средставата на американските даночни обврзници, не обврзува нас да бидеме апсолутно сигурни дека сме сториле се што е можно, за успех на оваа вселенска мисија“, истакна Вилер.
Од НАСА велат дека лансирањето на ова возило на Марс претставува најкомплицирана мисија досега. Според претставници на агенцијата, нејзиното одлагање ќе ја чини НАСА дополнителни 400.000 долари, но оти тоа мора да се стори.
Како дополнение на планираната мисија во 2011, раководството на НАСА соопшти дека неодамна се согласило да се приклучи на планирањето за идни заеднички мисии на Марс. Од НАСА велат дека соработката со Европската агенција за вселенски истражувања ќе ги намали трошоците и на обете страни ќе им помогне да ги усовршат своите истражувања на Црвената планета.