Линкови за пристапност

Обама со агенда за зајакнување на американско-европските односи


Аналитичарите се согласни дека по осум години на администрацијата на претседателот Буш, односите меѓу САД и Европа се ставени во мирување и сега како да се чека Барак Обама официјално да ја преземе претседателската функција.

Чарлс Купчан од Советот за односи со странство, со седиште во Вашингтон, вели дека САД и ЕУ во изминативе неколку години имаат направено многу во подобрување на односите.

„Првата година беше мошне тешка“, вели тој, „а ситуацијата во Ирак само придонесе за заострување на односите меѓу САД и Европа“. Од друга страна, тој вели дека Буш се обидел на некој начин да посегне по Европејците, а тие возвратиле. По многу прашања, за Косово и Грузија, па до финансиската криза, забележливо е големо подобрување во американско-европската соработка, вели овој стручњак.

Сепак, Купчан и останатите аналитичари се согласни дека иако односите меѓу претседателот Буш и европските лидери се на позавидно ниво, тој и натаму е прилично непопуларен претседател во повеќето европски земји. Некои веруваат дека тоа се должи на политиката на американскиот лидер во стилот – „следи не или тргни се од патот“.

Не е тајна дека повеќето Европејци посакуваа на изборите во САД да победи Барак Обама. За време на претседателската кампања Обама ја посети Европа, а на 24 јули во Берлин, се обрати пред околу 200.000 луѓе.

„Точно е дека има несогласувања меѓу Америка и Европа и се сомневам дека тоа нема да биде случај во иднина“, рече Барак Обама. „Но, тешкотиите на глобалното живеење само продолжуваат да не зближуваат. Смената на политичката гарнитура во Вашингтон, нема да ги надмине пречките. Во ова ново време на живеење, од Американците како и од Европејците ќе се бара да сторат повеќе, а не помалку. Партнерството и меѓусебната соработка не е избор, туку е единствениот начин да ја заштитиме заедничката безбедност и да го подобриме човештвото“, рече новоизбраниот американски претседател, додавајќи дека Америка нема подобар партнер од Европа. Нарекувајќи ја сојузник, тој подвлече дека соработката, пожртвуваноста и довербата и натаму ќе бидат актуелни.

Аналитичарите се категорични дека огромниот ентузијазам на Европа за изборот на Обама, во голем дел се должи на неговата цел за обнова на односите САД - Европа и подготвеноста на Вашингтон за компромис со европските сојузници.

Вес Мичел од Центарот за анализа на европските прашања со седиште во Вашингтон, вели:

„Повеќето Европејци за Обама сметаа дека е човек со кој, за разлика од Буш, би биле покомотни да споделуваат поголем дел од нивните идеолошки и филозофски определби, како за домашни, така за надворешни прашања, во смисла на поограничена и помалку унилатерална американска надворешна политика“.

Чарлс Купчан посочува уште на една од причините зошто Барак Обама бил фаворит меѓу Европејците. Со изборот на личност со афро-американско потекло, тие видоа дека Америка е мултикултурно општество, дека во неа живее население со различна етничка и расна припадност.

Од друга страна, некои соработници на новоизбраниот претседател на САД, се обидуваат да ги смират очекувањата, предупредувајќи на тешките предизвици со кои се соочуваат САД и Европа. Меѓу нив, спречување на Иран да дојде до нуклеарно оружје, начинот за справување со Русија, дилемите дали да се изврши притисок Грузија и Украина да станат членки во НАТО, а тука е и прашањето за поставување на штит за противракетна одбрана во Источна Европа.

Експертите уште велат дека војната во Авганистан ќе биде лакмус за односите меѓу САД и Европа. Барак Обама се залага за испраќање на поголем број американски војници во јужен Авганистан, каде се водат жестоки битки против Талебан. Од друга страна, се залага и другите земји-членки на НАТО, како Германија, да го сторат истото. Германските претставници се скептични. Зашто,ова би се случувало во време кога во Германија треба да се одржат парламентарни избори, а се знае дека германското јавно мислење е против испраќање на германски трупи во најопасните делови на Авганистан.


XS
SM
MD
LG