Во интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си, американскиот претседател Џорџ Буш вели дека на функцијата дошол неподготвен за војна, како и дека најмногу жали поради разузнавачкиот пропуст дека Ирак поседувал оружје за масовно уништување. Првиот човек на САД посакува разузнавачките податоци да биле поинакви, бидејќи, како што кажа, многу луѓе ја ставиле својата репутација во залог врз основа на неточни информации.
Буш одби да шпекулира дали би започнал воена акција против Ирак во март 2003-та доколку знаел дека Садам Хусеин не поседува оружје за масовно уништување. Тој кажа и дека повлекувањето на американските сили од Ирак порано од едно соодветно време би ги компромитирало неговите принципи.
САД во моментов имаат околу 146.000 војници во Ирак. Досега загинаа над 4.200 припадници на американската армија.
Во однос на економската ситуација во земјата, Буш изрази жалење дека глобалната финансиска криза придонела да се загубат работни места и да се намалат пензиските фондови. Тој најави дека, доколку е потребно, ќе поддржи дополнителна владина интервенција за олеснување на рецесијата.