Линкови за пристапност

Пакистан нуди помош во истрагата за нападите во Мумбај


Пакистан понуди заедничка истрага со Индија за минатонеделните терористички напади во Мумбај, во време кога Индија бара Пакистан да предаде 20 осомничени терористи за кои се верува дека живеат во земјата.

Пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши изјави дека Исламабад сака добри односи со Индија. Тој не се осврна на индиското барање за испорачување на лица осомничени за тероризам, меѓу кои и на Давуд Ибрахим, наводниот „мозок“ на бомбашкиот напад во Мумбај во 1993-та, во кој загинаа приближно 250 лица. Сепак, пакистанскиот министер за информации Шери Реман кажа дека Пакистан подготвува одговор на индиското барање.

Индискиот министер за надворешни работи Пранаб Мухерџи денес соопшти дека листата на осомничени терористи била предадена на пакистанскиот амбасадор во Индија во понеделникот. Индија бара Пакистан да преземе енергична акција против одговорните за минатонеделниот напад во Мумбај во кој загинаа 175 лица, од кои 18 странски државјани. Мухерџи денес кажа дека Индија не размислува за воена акција против Пакистан поради нападите.

Си-Ен-Ен и Еј-Би-Си јавија дека САД во октомври ја предупредиле Индија на можност од напад од море во Мумбај. Според Еј-Би-Си, неимунеувани разузнавачки претставници тврдат дека пресретнале телефонски повик до адреса во Пакистан која ја користи водачот на милитантната организација Лашкар-е-Таиба, што посочил на напад од море. ТВ-мрежата тврди дека биле споменати конкретни цели на нападите, како хотелот Таџ.

Си-Ен-Ен извести дека индиски извори потврдиле дека американски претставници на двапати ги предупредиле на опасноста од напад.

XS
SM
MD
LG