Линкови за пристапност

Клучните економски експерти велат дека САД се во рецесија


Националното биро за економски истражувања, кое важи за арбитар во врска со рецесијата, соопшти дека САД официјално влегле во неа уште минатата година. Бирото ја дефинира рецесијата како значителен пад на економската активност во поголемиот дел на економските гранки што трае подолго од два месеца.

Според друг економски извештај, производството во САД во ноември забележало најбрз пад од 1982-ра - наваму. Разочарувачките економски извештаи беа причина клучните берзански индикатори во САД во понеделникот да паднат за девет проценти на крајот на тргувањето.

Со неповолната економска слика на ум, првиот човек на Американската централна банка Бен Бернанки изјави дека веќе не е можно дополнително да се кратат каматните стапки за да се поттикне економијата. Сепак, Бернанки кажа дека државата може да ја стимулира економијата на други начини, на пример со поголеми заеми за финансиските институции.

Главните американски автомобилски производители денес доставуваат детални планови до Конгресот за тоа како планираат да ги потрошат побараните 25 милијарди долари помош за да ја вратат својата профитабилност. Конгресот првично реагираше со резерва на барањето.

Според новинските извештаи, плановите на Џенерал Моторс, Форд и Крајслер предвидуваат и продажба на познатите марки што се дел од овие големи компании. Плановите ќе бидат предмет на конгресни распити во текот на оваа недела, а евентуалниот пакет-помош би можел да биде ставен на гласање наредната недела.

Продажбата на автомобили ширум светот е во криза поради тоа што рецесијата ја намали побарувачката, а строгите кредитни услови отежнуваат потрошувачите да дојдат до пари за автомобил.

XS
SM
MD
LG