Новоизбраниот американски претседател Барак Обама го именуваше својот довчерашен ривал – сенаторката од Њујорк Хилари Родам Клинтон за нов државен секретар. Многумина аналитичари го поздравуваат овој потег на идниот американски претседател. Според нив, Хилари Клинтон доаѓа на функцијата со големо искуство и познавање на надворешната политика, пред се` поради ангажманот во Сенатската комисија за вооружени служби.
Во интервју за телевизијата Ен-Би-Си, поранешниот американски државен секретар – републиканецот Џејмс Бејкер прогнозираше дека номинацијата на Клинтон ќе биде добро примена од многумина ширум светот, но затоа потенцираше дека оваа поранешна прва американска дама ќе мора да внимава да има исти ставови со новоизбраниот претседател:
-Нејзиниот успех ќе зависи од тоа колку ќе биде синхронизирана со претседателот, од тоа како заеднички ќе функционираат и од тоа како тој би и` го штител грбот, рече Бејкер.
Барак Обама и Хилари Клинтон не секогаш беа согласни по надворешно-политички прашања за време на прелиминарната, директна трка меѓу нив во рамки на Демократската партија за претседателските избори.
На дебата во февруари годинава Обама коментираше:
-По прашањето за кое верувам дека е најважната надворешно-политичка одлука на оваа генерација – дали да се појде во војна во Ирак – сметам дека покажав расудување на врховен командант. Исто така, мислам дека сенаторката Хилари Клинтон по истото прашање погрешно процени.
Клинтон во таа прилика возврати со иста мера, алудирајќи на подготвеноста на Обама да се сретне со првите луѓе на држави непријателски настроени кон САД, како Иран, на пример:
Меѓу нас има разлика кога и дали еден претседател треба да понуди средба - без предуслови – со оние со кои немаме дипломатски односи.
Сепак, овие коментари беа типични во ек на кампањата. Двајцата довчерашни ривали ги оставија разликите настрана уште пред неколку месеци, кога беше јасно дека Обама освои доволно гласови да ја добие демократската номинација за претседателските избори. Тогаш Клинтон порача дека “начинот на кој треба да продолжи борбата за остварување на целите за кои се залагаме е да ја искористиме нашата енергија и пасија и да сториме се` што можеме Барак Обама да биде избран за нареден претседател на САД“. Обама, пак, потенцираше дека е горд што може да ја нарече Хилари Клинтон свој пријател како и дека „знае дека како партија и како земја ќе ни требаат и Хилари Клинтон, и Бил Клинтон“.
Сега Обама сака Клинтон да биде лицето на неговата надворешна политика. Клинтон стана позната по својата неуморна работа и внимание на дури и најситните детали за време на осумте години работа во Сенатот и како прва американска дама во двата мандата на претседателот Бил Клинтон. Хилари Клинтон има почитување кај многумина во Сенатот, особено поради тоа што често посегаше преку партиските линии за да постигне компромис. Оттаму, се очекува нејзиното потврдување во Сенатот да мине лесно.