Линкови за пристапност

Рајс го повика Пакистан да соработува во истрагата за нападите во Мумбај


Американската државна секретарка Кондолиза Рајс го повика Пакистан безусловно да соработува во истрагата за терористичките напади во индискиот финансиски центар Мумбај.

На пат за Лондон, на два дена пред посетата на Индија, Рајс кажа дека не избрзува со заклучоци, туку дека Пакистан мора да дозволи доказите да ја доведат истрагата до целта, каде и да е таа.

Индија го обвинува Пакистан за вмешаност во нападите. Официјален Исламабад го отфрла тврдењето.

Порптаролката на Белата куќа Дејна Перино во неделата изјави дека посетата на Рајс на Њу Делхи е „натамошен показател за американската солидарност со народот на Индија“. Рајс ќе ја посети Индија по состанокот на НАТО во Лондон.

Американскиот претседател Џорџ Буш претходно во неделата даде целосна поддршка на истрагата за опасадата во Мумбај во која беа убиени 175 лица, меѓу кои и шестмина Американци. Во телефонски разговор со индискиот премиер Манмохан Синг, Буш порачал дека Вашингтон ќе ги пружи сите неопходни средства и ќе соработува во рамки на меѓународната заедница, со цел одговорните да се изведат пред суд.

Претставник на Американската амбасада во Њу Делхи за Гласот на Америка изјави дека група американски претставници пристигнала во Мумбај за да помогне на индиските власти во истрагата за терористичките напади.

Стејт департментот издаде патно предупредување американските граѓани - да бидат на штрек за време на престојот во Индија.

XS
SM
MD
LG