Линкови за пристапност

И остатоците храна прават разлика


Роберт Егер бил сопственик на клуб, но пред 20 години основал народна кујна во главниот американски град. Кујната на оригинален начин ги храни бездомните и сите на кои им е потребна помош. Основен принцип е дека секое парче храна - па дури и остатоците - е драгоцено.

Во „Ди-Си централната кујна“ во Вашингтон дневно минуваат два тона храна. Се подготвуваат околу 4.500 оброци и се доставуваат до центри за бездомните, за зависници од дрога, за постари лица.

Роберт Егер дошол на идеја да ја основа кујната кога како доброволец разнесувал храна за бездомните:

- Цел живот работам по ресторани. Таму фрламе доста неупотребена храна добра храна. Со неа може да се прехранат многу луѓе.

Кујната готви јадења од неупотребено месо, зеленчук и други состојки што секојдневно се собираат од рестораните, но и од хотелите, болниците, универзитетите.

Кујната дава и часови по готвење за невработени, бивши затвореници, постари лица кои бараат хонорарна работа. Мајкл Роб продавал дрога. Пред две години го завршил курсот за готвење:

- Научив како чесно да заработувам. Тоа многу ми значи. Кујната е моето семејство.

Во кујната помагаат волонтери – околу 8.000 годишно. Студентката Кортни Ранери е една од нив:

- Одлично искуство. Се приклучив бидејќи ова е е одлична кауза и организација.

„Ди-Си централна кујна“ веќе 20 години е истакната организација. Често доаѓаат посетители - дури и од странство - за да видат како функционира.

Егер сонувал да биде сопственик на голем ноќен клуб, но не жали што се откажал. Вели, кујната е негов клуб, каде им помаѓа на луѓето со храна, наместо со музика.

XS
SM
MD
LG