Линкови за пристапност

Ќе се намали влијанието на САД, вели разузнавачки извештај 


Нов извештај на американското разузнавање предвидува дека САД ќе бидат помалку доминантни во наредните две децении, како и дека Кина и Индија ќе зајакнат во меѓународното влијание. Автор на извештајот за долгорочните безбедносни прашања е Националниот совет за разузнавање. Тој се издава на секои четири години и го одразува мислењето на сите американски разузнавачки агенции.

Агенциите предвидуваат САД да останат главна економска и армиска сила, но влијанието да и` опадне во наредните две децении, исто како и на доларот. Сугерираат глобално поместување на богатството и моќта од Запад кон Исток, со тоа што Кина и Индија би се приклучиле на САД во еден нов, мултиполарен глобален поредок.

- Очигледно, ситуацијата се трансформира и навистина ќе нема некаков меѓународен систем, вели Метју Буроус, автор на извештајот:

Разузнавачите гледаат можна понагласена улога и на Индонезија, Иран и Турција, а неизвесно е дали Кина и Русија ќе напреднат демократски. Буроус вели дека проблемите на Блискиот Исток ќе продолжат поради нуклеарните амбиции на Иран, што би можело да доведе до трка во вооружување во регионот и поголем ризик за нестабилност и конфликт.

Според извештајот, можен е и пораст на тероризмот, но влијанието на Ал-Каида треба да опадне поради се` помала поддршка во муслиманскиот свет.

- Терористите си наштетија самите себеси со буквално премногу насилство од кое пропати недолжното цивилно муслиманско население, вели Буроус.

До 2025-та, населението во светот ќе нарасне за една милијарда. Тоа и економскиот растеж ќе ги оптоварат залихите на храна, вода и енергија, а може да има и судири поради гориво, се наведува во извештајот. Покрај владите, деловните и верските организации, дури и криминалните мрежи ќе влијаат на глобалното донесување на одлуки, наведуваат разузнавачите.

XS
SM
MD
LG