Линкови за пристапност

Рикер: „Македонија и САД се партнери“


Амбасадорот на САД во Република Македонија зборуваше за Гласот на Америка на македонски, по бизнис форумот во Чикаго

Американскиот амбасадор Филип Рикер имаше интересна улога на средбата со бизнисмените во Чикаго, Илиноис, каде владини претставници ја презентираа Македонија како нова дестинација за инвестиции. Кога го запрашавме како себе си се гледа на настан од таков вид, амбасадорот рече дека – се е во рамки на договорот за стратешко партнерство што во мај годинава го потпишаа државниот секретар Кондолиза Рајс и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

„Јас сум тука да помогнам од американска страна“, рече Рикер, „да ја претставам Македонија на американските инвеститори и бизнис луѓе како можност за во иднина. “ САД веруваат, рече тој, дека постојат можности кои се добри за бизнис во Македонија и во југо-источниот европски регион. Со отворање на тие можности за американските инвеститори, тој вели дека двете страни се победници.

Рикер е свесен дека инвестирањето е долгорочен процес, но таков што дава можност Македонија да биде претставена на многу Американци. И што е поважно, вели тој, Американците да видат каква улога САД играат во Македонија, посочувајќи на 15-годишната работа на давање поддршка за реформите во Македонија во насока на подобрување на бизнис климата во државата.

Го запрашавме амбасадорот што, според него, гледа еден инвеститор во Македонија. Тој одговори дека привлечноста е во ниска цена на стручна работна сила, високо ниво на застапеност на англискиот јазик и тоа што е добра опција за регионален приод. Имено, Рикер, објаснува, Македонија е порта за пазарите во цела Европа, а не само за соседите Косово и Албанија, зашто Македонија веќе ги користи врските со Европа.

XS
SM
MD
LG