Линкови за пристапност

Конгресот ја одложи одлуката за помош на автомобилската индустрија


Американскиот Конгрес не подаде рака на авто-индустријата. По дводневен распит на кој најголемите автомобилски производители побараа итна помош,, американските пратеници заминаа на кус празничен распуст со ветување дека ќе се вратат да гласаат за случајот во декември, доколку авто-производителите поднесат план за заживување на секторот.

И покрај целиот гламур, американските авто шоуа изгубија од сјајот. Цифрите покажуваат дека продажбата на нови автомобили е најниска во последниве 25 години.

Неделава првите луѓе на Форд, Крајслер и Џенерал Моторос дојдоа во Вашингтон да бараат заем од 25 милијарди долари за опстанок на индустријата. Но сенаторот Хари Рид, лидер на демократското мнозинство вели – тие не работеле добро, зошто да се спасуваат?

- Директорите на компаниите не успеаа да го убедат Конгресот, ниту американскиот народ дека ова владино спасување ќе биде и последно, рече Рид.


Фрустрација имаше на обете страни.

Демократските лидери решија да го одложат гласањето додека автопроизводителите не направат добар план. Спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси вели дека се работи за прифаќање одговорност:

- Додека не` ни покажат план – нема да им ги покажеме парите.

Автопроизводителите ќе имаат уште една шанса – треба да ги претстават своите аргументи во детален план пред 2-ри декември. Една недела потоа, Конгресот се очекува да го разгледа предлогот.

Економистите ја нарекуваат авто-индустријата „`рбет на американското производство“ и многумина веруваат дека нејзиното пропаѓање не е опција. Но, акциите на Вол Стрит и натаму паѓаат – особено нагло по оваа разврска во Конгресот.

XS
SM
MD
LG