Линкови за пристапност

Белата куќа смета дека Македонија заслужува членство во НАТО - и натаму ќе работи на случајот 


Белата куќа изрази разочараност од темпото со кое напредува членство на Република Македонија во НАТО.

- Сметаме дека го заслужуваат тоа и ќе продолжиме да работиме на случајот, кусо коментираше синоќа портпаролката Дејна Перино на прашање од грчки новинар кој имплицираше дека тужбата на Македонија против Грција во Меѓународниот суд на правда може да го забави процесот на изнаоѓање на решение за спорот околу името.

Македонија ја тужи Грција дека ја крши Времената спогодба меѓу двете земји од 1995-та година, со тоа што го блокира членството на Македонија во меѓународните организации.

Согласно спогодбата, Грција е обврзана да не ги блокира македонските пријави за членство, доколку се под привременото име „Поранешна југословенска Република Македонија“.

Грција стави вето на поканата за Македонија да се приклучи на НАТО во април годинава на Самитот во Букурешт.

Грција тврди дека Македонија ја прекршила Времената спогодба со употреба на грчки симболи на географски карти и преименување на Скопскиот аеродром во „Александар Велики“.

XS
SM
MD
LG