Линкови за пристапност

Нашата борба за инвестиции е борба за  повеќе работни места


Никола Груевски, премиер на Република Македонија, за Гласот на Америка на македонски, од бизнис форумот во Чикаго:

„Во Сан Франциско и овде во Чикаго одржавме бизнис форуми, а истовремено имавме и директни контакти со бизнисмени“, рече премиерот Никола Груевски по презентацијата за Македонија во Чикаго.

„Во Сан Франциско имавме средба со претседателот на компанијата Оракал, со претседателот на Управниот одбор на Интел, со врвот на Хјулит Пакарс и со врвот на компанијата Сан Мајкросистемс. Имавме средби и со претставници на други средби, и презентација пред 30-40 компании, како и овде во Чикаго, каде што ги претставивме предностите за бисмисмените доколку за своја идна бизнис дестинација во Европа ја одберат токму Република Македонија. Така, сите компании од Америка што планираат да го прошират своето производство во Европа или пак да отворат ново доколку го немаат, да им кажеме, и да им докажеме со аргументи, зошто Македонија им е една од најатрактивните, ако не и најатрактивна, држава за правење бизнис“, кажа премиерот.

„И навистина, од она што е сработено во последните две години, има многу аргументи - на планот на подобрување на бизнис клима, на планот на борба против корупција и криминал, на ниски даноци, а сега, во поново време, и намалување на придонесите, регулаторните процедури што се подобруваат, оценките што ги даваат Светската банка, преку Doing business, и други меѓународни организации и сите чекори што ги преземаме, во делот на катастарот или на нешто друго, како правниот систем и судскиот систем, - објаснувајќи ги сите предности се обидуваме да ги натераме да почнат да размислуваат за Македонија како бизнис дестинација“.

„Можам да кажам, како во Сан Франциско така и овде во Чикаго, има интерес, особено со оние компании со кои имавме разговори на многу високо ниво. Повеќето од нив пројавуваат сериозен интерес и мислам дека има добри шанси во иднина да се случат инвестиции од нивна страна. Со некои од нив имавме дури и по две средби откако видовме дека интересот е сериозен. Некои од нив веќе најавија и доаѓање во Македонија и подлабоки разговори во идниот период. Се разбира, од деловни причини, ние не сме во можност, без тие да имаат одлука за такво нешто, да објавуваме било какви имиња или конкретни детали, но можам да кажам дека сум позадоволен од тоа што очекував дека ќе се случи.“

„Не ни е прв пат да одиме на вакви бизнис форуми, имаме искуство, и од тие искуства креиравме некакви очекувања, и можам да кажам дека она што го имавме во овие денови е малку повеќе од очекувањата, што е добро. Нашата борба за инвестиции е всушност борба за работни места. Секоја инвестиција ја гледаме како можност за отворање на нови работни места“.

„Во Силиконската долина бевме фокусирани на информатичката технологија, на таа индустрија, и беа поканети само такви компании. И тие што дојдоа на бизнис форумот и тие што ги посетивме беа од тој бизнис, од информатичката технологија, Тука ние имаме многу што да понудиме. Промените што ги прави владата, чекорите што се веќе направени, нацистина со одушевување се примени кај крупните ај-ти компании, така што тоа создава почва за натамошна соработка“.

„Фактот што имаме значително поголеми квоти на студенти во информатичко општество и многу други, навидум, мали работи, од типот дека купуваме компјутери за сите средни училишта и за сите ученици во основни училишта, од типот дека сите граѓани да можат да учат интернет бесплатно , од типот дека отворивме десетици и десетици интернет кафулиња каде бесплатно може да се користи интернет, дека отвораме нов универзитет за информатичка технологија или дека даваме многу стипендии за информатичка технологија и тн, ако сите тие работи ги составите како мозаик, ако ги ставите на куп, сето тоа кај инвеститорите создава слика што привлекува внимание и од тука доаѓа надежта и нивната заинтерсираност да дојдат во Македонија“.

Овде во Чикаго, покрај фокусираноста на ај-ти индустријата, обрнуваме внимание и на инвеститори од други области, како од македонска така и од американска страна, а некои се дојдени и од Канада“.

„Голема благодарност до американскиот амбасадор во Република Македонија, кој, како ретко кој амбасадор, дојде овде и директно лобираше кај американските компании да инвестираат токму во Република Македонија. Тоа ретко кој амбасадор го прави и го прикажува пријателството на Америка кон Република Македонија. Многу сме благодарни за тоа. Неговите зборови имаат поинакво значење. Друго е кога ние кажуваме колку напредок сме направиле , кога ние презентираме бројки, податоци, услови, а друго е кога тој ќе го потврди тоа и ќе каже дека знае дека американските бизнисмени се навистина добредојдени во Македонија и дека има можност за правење бизнис и правење профит, дека земјата е во големи пријателски односи со нас, дека сме партнери, тоа поинаку звучи ако го кажам јас или моите соработници, а сосема различно се прима кога ќе го каже Американец, и тоа човек од Стејт Департмент кој е амбасадор во Република Македонија. Тоа работи за Америка. Тоа ни беше од голема полза, но и од голема полза беше и присуството на луѓето од Македонија 2025, овде во Чикаго, од претседателот на НОРТЕЛ, господинот Мајк Зафировски , еден од најеминентните Македонци во бизнисот на северноамериканскиот континент, а можеби и воопшто во светот, а исто така и господинот Битов, истакнат бизнисмен на овој континент, кој во Сан Франциско направи одлична презентација и одличен говор за Република Македонија. Нивното присуство даде посебно значење. Тие не се било кои луѓе, тие се луѓе со силен интегритет, кои се почитувани на северноамериканскиот континент, и кои не би си дозволиле, заради својата професија, личен интегритет и заради своите позиции, да даваат лажни информации и да препорачуваат нешто што не е за препорачување. И тоа многу ни помогна и јас сум многу задоволен“.

„Голема помош ни беше и амбасадорот на Република Македонија во Америка кој направи една голема организација. Навистина, со скромните ресурси што ги има во Амбасадата, она што го направи е за почитување и поздравување и на некој начин покажува дека ја заслужува наградата што ја доби во изминатиот период дека е еден од најдобрите амбасадори“, кажа премиерот Никола Груевски за Гласот на америка на македонски.



XS
SM
MD
LG