Линкови за пристапност

На самитот во Вашингтон заложба за акција против глобалната економска криза


Лидерите на најразвиените индустриски и земјите во развој викендов во Вашингтон се заложија заеднички да го обноват економскиот растеж и да го реформираат глобалниот финансиски систем. Завршната декларација на Самитот на Групата 20 исто така повикува на поголема меѓународна соработка и модернизација на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Првите луѓе на 20-те водечки економии во светот во саботата се најдоа на иста маса за да го запрат економскиот пад и да обезбедат да не се повтори финансиската криза. Американскиот претседател Џорџ Буш смета дека средбата била продуктивна:

- Фундаменталното прашање беше дали ќе бидат можни суштински спогодби, со толку многу земји од шест континента и различни фази на развој. Со задоволство велам – апсолутно, да.

Земјите од Групата 20 ветија дека ќе ги стимулираат своите економии, а истовремено поддржаа поголема контрола и регулација на глобалниот финансиски систем.

- Меѓу главните постигнувања беше да се воспостават принципи и да се преземат мерки за адаптирање на нашите финансиски системи на реалноста на 21-от век, коментираше американскиот претседател.

Лидерите сепак уважија дека за изработка на конкретен план ќе биде потребно време, им наложија на своите министри за финансии да работат на деталите и најавија нова средба до крајот на април 2009-та.


Новоизбраниот американски претседател Барак Обама не учествуваше, но во редовното неделно радио-обраќање на демократите потенцираше дека е битно да се решат економските проблеми со кои се соочуваат сите Американци, а не само големите компании од финансискиот сектор.

XS
SM
MD
LG