Според извештај на германската влада, третата по големина економија во светот се наоѓа во рецесија. Германската економија опаднала за половина процент во третата четвртина на 2008-ма. Опаѓањето трае веќе две четвртини по ред, а се должи на намалениот извоз.
Извештајот на Организацијата за економска соработка и развој, пак, предвидува наредната година во земјите кои како валута го користат еврото економската активност да се намали за половина процент, а во САД за девет-десетини од процент.
Глобалната финансиска криза е на
прво место на дневниот ред на самитот на првите луѓе на 20-те најголеми индустријализирани
земји и економии во развој во сабота во Вашингтон. Европски и азиски претставници се надеваат
дека средбата е чекор напред кон изнаоѓање на ново, глобално решение за
финансиската криза. Американскиот
претседател Џорџ Буш вели дека светските лидери мора да соработуваат со цел да
постигнат подобра регулатива на финансискиот систем, без притоа да го задушат
системот на слободно претприемништво, за кој вели дека е „најсигурен пат“ до
економскиот развој
Американската влада се обиде да ја заживее својата
погодена економија со пакет од 700 милијарди долари за спас на финансискиот
сектор. Во средата, американскиот
секретар за финансии Хенри Полсон кажа дека работи на изнаоѓање начини за
поддршка на финансиските институции кои нудат потрошувачки кредити за нешта
како школување или пак купување автомобил.
Ова е нов момент во планот што првично беше ориентиран кон откупување на
проблематичните инвестиции со владини средства.