Линкови за пристапност

Од „прва рака“:  поранешните македонски шефови на дипломатијата за спорот околу името  


Кога беа на функција, прашањето за името им беше едно од главните задолженија. Четворица поранешни министри за надворешни работи сега за Гласот на Америка говорат за различни аспекти на прашањето, особено за тоа треба да се стори. Автор на серијата прилози е дописникот на Гласот на Америка на македонски Борјан Јовановски.

Димитров: Глобалниот распоред на силите налага влез на Македонија во НАТО

Соодносот на силите на меѓународната сцена оди во прилог на што поскоро решавање на 17-годишниот грчко-македонски спор. Вака смета поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров, кој вели дека Македонија не може да го одлага зачленувањето во НАТО, особено со оглед на актуелните случувања на глобалната политичка сцена:

-Процесот ќе продолжи. Можеби ќе не` притиснат многу повеќе. Се заборава еден многу значаен елемент, а тоа е глобалниот распоред на силите меѓу Вашингтон и Москва - утре Пекинг и уште некои земји кои се во нагла експанзија. Според мене, практично е пресечено овој дел од Балканот, во кој е и Република Македонија, да влезе под чадорот на НАТО. Сакале или не, мислам дека тоа многу брзо ќе се случи, заедно со многу поголем притисок.

Според Димитров, Македонија треба да ја искористи поддршката што ја добива од американската дипломатија и со нејзина помош да издејствува што е можно подобро компромисно решение што нема да им наштети на националните интереси:

-Добро би било да се искористи оваа година заради фактот што ги добиваме пораките од нашиот најголем сојузник во моментот во врска со НАТО - САД, кои нашиве не знаат да ги читаат. Прво ни рекоа пред Букурешт – бидете патриоти. Потоа ни рекоа – помогнете ни, за да ви помогнеме. (...) Би било час-подобро за иднината на Република Македонија, за иднината на граѓаните на оваа држава, ова прашање час-побргу да се затвори, се разбира, во рамките на строгото почитување на принципите и механизмите во ОН и на мандатот што Резолуцијата 817 му ја дава на Нимиц, специјалниот пратеник на Генералниот секретар, за да се изгради некаков консензус.

Илинка Митрева: Вистинскиот пртоблем на Грција не е со името, туку со македонскиот народ и јазик

Поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева тврди дека спорот за името нема изгледи да биде решен се` додека Грција не се откаже од намерите да го негира постоењето на македонскиот народ:

-Вистинскиот проблем кој Грција го има со Македонија не е името, или само името, туку постоењето на македонски народ и македонски јазик. Се` додека постои народ во овој дел од поширокиот регион кој се вика Македонија и кој е носител на атрибутот „македонски“ заедно со неговата историја, јазик и култура – проблемот останува за Грците.

Професорката Митрева смета дека македонската дипломатија треба да се фокусирана тоа во процесот што се води под закрила на ОН да се обезбедат цврсти гаранции за македонскиот национален индетитет:

-Се` додека ние не поставиме барање - а сме во позиција да поставиме барање, бидејки станува збор за нашиот идентитет, а не за идентитет на некоја анонимна држава - дека македонскиот народ и македонскиот јазик се нешто што е зацементирано и што не смее да се доведува во прашање, џабе ќе анализираме кои од 13-те точки во предлогот на Нимиц се прифатливи, оти тоа е технологија на преговарање.

Љубомир Фрчковски: Доаѓа време за решавање

Професорот Љубомир Фрчковски вели дека последниот предлог на посредникот Метју Нимиц нуди основа да се најде конечно решение за спорот, како и дека дошло време за негово решавање:

-Треба да ја извршиме нашата работа во овој период. Таа зависи од тоа што времето сега не работи и за двете страни, а посебно за нас. Ова е време на решавање. Како што се вели во Библијата - има време за живеачка и за смрт, за сеење и за жнеење. Е, ова е време за решавање. Затоа ние (досега) не сме можеле нешто посебно да направиме, или нашите постапки би биле маргинални во нашите мандати. Доаѓа време за решавање.

Фрчковски ги повика политичките лидери да ја преземат својата одговорност во процесот и да ја искористат подршката на американската администрација:

-Има и тешки работи да се носат – тоа е работа на претседател и на премиер, тешки одлуки. Во таа смисла, мора да ја одработиме работата со Американците колку што можеме – максимум. Ние од нив имаме јасен политички став – има македонска нација, јасно - и македонски јазик. Не велат – прифатете го грчкиот став. Правете компромис, велат. Како ќе го направите – ќе го направите, зависи од вас.

Слободан Чашуле: Да се знаат приоритетите, да се реши прашањето пред тоа да го наметне меѓународната заедница

Новинарот и поранешен министер за надворешни работи Слободан Чашуле верува дека постои можност за решавање на проблемот со Грција, но само ако постои политичка воља и умешност во пристапот кон решението:

-Приоритетите во овој момент се да го сочуваме најважното, а тоа е името. Како? Има цела една постапка која ја водиме 15 години. Очигледно, во овој момент, ниту еден, ниту друг пол кои се дијаметрално спротиставени, до сатанизација - ние веќе сме поделени на предавници и на херои - не сака, едноставно, на себе да ја преземе инсториската одговорност-вели Слободан Чашуле.

Поради отсуството на потребната политичка воља како и актуелната поларизација во македонското општество кон ова прашање, како и грчките фрустрации, наведува Чашуле, Македонија ризикува да се соочи со решение што ќе биде наметнато од меѓународните фактори како резултат на нивниот интерес да обезбедат стабилност во регионот:

-Нема да има решение и јас не гледам на кус рок излез од оваа рашомонијада, бидејки цело време таа се темели на целосна неинформираност, фрагментарно се труе јавноста зависно од тоа кој медиум на кое политичко опкружување му припаѓа. Се создава јаз не само во политичката елита, туку и кај граѓаните. Што е најважно, во ова време на економска недоверба во светот, се создава целосна недоверба кон функционирањето на нашата држава. Жалосно е што е така. Жалосно е што капацитетот и потенци јалите ги имаме, но не седнуваме на маса и не гледаме како да излеземе од сето ова. Последниот направен документ, кој фаќа прашина, а е доста интересен, е напорот на МАНУ да тури некаква перспектива во овој галиматијас. И тој докумет никој не го есапи, а камоли нашето мислење. Што е најинтересно, слушеме дека луѓето знаат повеќе од народот, а тој народ утре треба евентуално да истрча на референдум и да прифати или не солуција која ќе му биде со инка донесена, бидејки ќе дојде денот кога интересите на тие што сакаат овде стабилност ќе бидат далеку поважни од нашите внатрешни кавги и грчките фрустрации, и ќе падне диктат. Е, тогаш, веќе спас од тоа – нема.

XS
SM
MD
LG