Кршење на Уставот, чекор што ја враќа земјата назад, глумење единство. Ова се реакциите на експертската јавност по ненадејната одлука на претседателот Бранко Црвенковски да го отповика досегашниот преговарач во македонско -грчките преговори за разликите околу уставното име Никола Димитров, во име на постигнување единство на државното раководство.
За Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи, новинар и сегашен уредник на неделникот Форум, со одлуката на Црвенковски македонските политичари покажале дека се единствени во неединството.
Освен што тврди дека Црвенковски со ова го прекршил Уставот, Чашуле додава:
-За мене е недопустливо на еден таков начин да си ја уништиме позицијата во преговорите за разликите со името или во разговорите за проблемот што Грција го има со нашето име.
Бидејќи Владата е против ваквиот потег на Црвенковски, Чашуле предлага помош да се побара од меѓународната заедница, но и веднаш да се назначи нов преговарач, кого Црвенковски веднаш би го прифатил, за да не се губи скапоцено време.
Црвенковски при соопштувањето на одлуката за разрешување на Димитров нагласи дека тој и премиерот Никола Груевски имаат разлики за важноста што ја даваат на интеграцијата во НАТО и ЕУ во контекст на решавањето на спорот околу името, како и дека со одлуката за решавање на Димитров има за цел да прекине една, како што ја нарече, „несериозна ситуација што веќе се користи и од грчка страна како аргумент против нас за постоење на двајца преговарачи, на два става, на одвоени средби, на посебни консултации“.
Отповикувањето на Димитров за професорката на Филозофскиот факултет Билјана Ванковска е лош потег што ја враќа земјата чекор наназад:
-Ние решивме да се договараме за некаква стратегија и во овој моментот остануваме без преговарач. На извесен начин, претседателот на Републиката како да се дистанцира од целата работа, како да ги мие рацете од сопствената одговорност и го препушта жешкиот костен во туѓи раце.
Нејзина оценка е дека Парламентот при донесувањето на Резолуцијата за државна стратегија за решавање на проблемот со Грција глумел единство. Резолуцијата е премногу општа, но што е најважно - задоцнета, и Ванковска смета дека е најголем пропуст на политичарите во Македонија е што никој од нив досега не се изјаснил до каде е црвената линија во преговорите.