Линкови за пристапност

Гласањето на дијаспората нема да ја подобри парламентарната демократија, тврдат експерти


Македонските експерти сметаат дека проширувањето на Парламентот со тројца пратеници од дијаспората нема да доведе до поквалитетна демократија, ниту пак до поквалитетни дискусии.

Рената Десковска од Правниот факултет во Скопје коментира: партиската обоеност и неспособноста на народните избраници да излезат од сенката на лидерот е најголемиот недостаток на македонскиот парламент.

-Демократскиот капацитет на македонскиот парламент не зависи од бројот на пратеници кои седат во него, туку од менталниот склоп на оние кои седат во парламентот. Се соочуваме со парламент во кој доминира партискиот став, партиската наредба, а не со парламент во кој има дебата, во кој се разменуваат искуства, вели Десковска.

Квантитетот не значи и квалитет, смета професорот Стојмен Михајловски. Тој очекува тројцата дополнителни пратеници да се однесуваат во духот на овдешните, односно се сомнева дека ќе имаат подобра комуникација со нивните избирачи.

-Ние и тука немаме воспоставено однос на релација граѓанин - пратеник. Во вакви услови, прашањето е како ќе знаеме каков ќе биде односот на пратеникот од дијаспората со неговите гласачи и дека тие гласови нема да бидат искористени за манипулација на плус три пратенички места, вели Михајловски.

Она на што експертите предупредуваат по воведувањето на можноста за гласање на дијаспората се трошоците потребни за спроведување на процесот, како и дали постојат прецизни податоци за бројот на гласачите во странство.

Според неодамнешните измени на Изборниот законик, македонската дијаспора добива право на глас, но од септември 2009-та година, додека, претстојните претседателски и локални избори напролет таа само ќе ги следи како набљудувач.

XS
SM
MD
LG