Американскиот претседател на заминување, Џорџ Буш, и новоизбраниот, Барак Обама, во понеделникот се сретнаа во Белата куќа. Со ракување и насмевка, 43-от претседател на САД го поздрави наредниот, 44-ти. Направија прошетка по Белата куќа со сопругите. Средбата беше приватна - составен дек од мирната транзиција на власта.
Обама во изборната кампања го критикуваше претседателот Буш и тврдеше дека изборот на републиканскиот кандидат Џон Мекејн практично би значел своевиден трет мандат за Буш.
Па сепак, Обама и Буш ветуваат лесна транзиција. Портпаролот на Белата куќа Дејна Перино на таа тема изјави:
- Секако дека имаат разлики во политиките. Но, обајцата подеднакво ја сакаат својата земја. Љубовта кон земјата им е на прво место. Ќе работат заедно со цел работите да се движат напред.
Ова е прв трансфер на власта во последните четири децении во време кога земјата е во војна.
Алекс Бурнс е од политичкото Интернет-издание Politico.com:
- Да се обезбеди континуитет на владата во време на војна е огромен предизвик. Кој и да ја преземе функцијата врховен командант, прв приоритет мора да му биде да ја увери јавноста дека ќе се грижи за работата и дека ништо нема да пропушти.
Обама победи најповеќе поради загриженоста за американската економија, покажаа излезните анкети. Марк Ром, професор по владини прашања при Универзитетот Џорџтаун очекува Обама веднаш да реагира кога ќе стапи на функцијата:
- Ќе работи на санирање на најлошите екцеси на Вол Стрит, за да ја врати контролата врз финансискиот сектор, да има кој да одговара за ситуацијата.
Портпарол на новоизбраниот претседател вели дека ова е прв пат Обама да ја посети Овалната канцеларија во Белата куќа.
На 20-ти јануари, по давањето заклетва, таа ќе му стане канцеларија. На тој ден, Белата куќа и ќе стане дом на семејството на Обама.