Линкови за пристапност

Која е Мишел Обама?


На 20-ти јануари, Мишел Обама ќе стане Прва дама на САД – афро-Американка.

44-годишната Мишел Обама, нејзиниот сопруг Барак, нивните ќерки Малиа и Саша ќе се преселат во најпрестижниот дом во САД – Белата куќа. Ова не е прв пат Госпоѓа Обама да биде пионер.

Како дете во Чикаго, нејзиното семејство се преселило во населба каде живееле само белци.

Лиза Манди, која напишала биографија за новата Прва дама, вели дека таму не биле добредојдени:

„Едно од првите искуства што ги имала од детството било зголемените економски можности за нејзиното семејство, подобра населба, поубав дом, но и чувство дека белите семејства се дистанцираат од нејзиното семество и покрај тоа што напредувале."

Подоцна Мишел Обама е меѓу првите афро-американски студенти на престижниот Универзитет Принстон и покрај отпорот од некои колеги. Оттаму се запишала на правниот факултет на Харвард и почнала кариера во реномирана адвокатска фирма во Чикаго, каде го среќава нејзиниот иден сопруг.

Сопругата на идниот прв афро-американски претседател е свесна за нејзиниот статус како пример за другите и за тоа како ќе се гледа на нејзиното семејство:

„Тоа е симбол кој ќе им покаже на многу млади момчиња и девојчиња, особено на обоените, кои до сега не се виделе себе си во позначајна улога."

Биографот Лиза Манди вели дека преселувањето на семејството Обама во Белата куќа ќе помогне да се редефинира имиџот за афро-Американците:

„Само да се види вакво прекрасно семејство во Белата куќа, мислам дека ќе направи да се промени свеста на Американците за стереотипот што постои за афро-Американците, ќе го прошири хоризонтот за можностите и постои надеж дека ќе се избришат стереотипите."

За време на кампањата, Мишел Обама беше мета на критики. Некои го доведуваа во прашање нејзиниот патриотизам, откако даде ваква изјави за успехот на нејзиниот сопруг:

„За прв пат во мојот живот како возрасна, навистина сум горда на мојата земја."

Откако некои медиуми ја критикуваа за изјавата, нејзиниот сопруг Барак Обама предупреди:

„Ако е целта да се направи Мишел проблем за кампањата, нека внимаваат. Оставете ја намира мојата сопруга".

Мишел Обама е поборник за работничките семејства, особено за армиските семејства, и можеби тоа ќе биде нејзина кауза како Прва дама.

Госпоѓа Обама вели дека сака нејзините ќерки да имаат што е можно понормално детство:

„Дел од тоа е нивниот свет да остане нивни."

Биографот Лиза Манди вели дека за идната Прва дама нејзините деца се примарни:

„Таа е присутна на секој натпревар во фудбал, на секој час по балет, на секоја претстава. И Барак е на секоја нивната претстава, зашто таа тоа го бара од него. Таа е многу посветен родител."

Иако имала сопствена кариера, Мишел Обама се чини дека ужива во нејзините најтрадиционални улоги – како сопруга и мајка.
XS
SM
MD
LG