Линкови за пристапност

Силна поддршка од светот за новоизбраниот американски претседател


Во градот Когело, Кенија, родното место на неговиот татко, селаните се радуваа и се гушкаа меѓусебно кога беше објавена победата на демократскиот сенатор. Кенискиот претседател Мваи Кибаки објави дека во четврток ќе биде национален празник во чест на победата на Обама.

Јужно-африканскиот претседател и претседавач со Јужно-африканската заедница за развој, Кгалема Мотланте, изјави дека регионот е горд на постигнувањата на Обама и дека очекува плодна соработка.

Првиот човек на европската комисија Хозе Мануел Баросо испрати честитки и изрази надеж за, како што рече, „новата зделка за новиот свет.“

Ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари изјави дека не очекува изборот на Обама да резултира со брзо повлекување на трупите од Ирак или нагло менување на американската политика. За време на кампањата, Обама рече дека сака да ги повлече сите борбени сили од Ирак во следните 16 месеци од стапувањето на функција.

Францускиот претседател Никола Саркози честиташе на победата, додека низ париските кафулиња млади скандираа „Да – можеме“ на француски.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи кажа дека се надева оти изборот на првиот афро-американски претседател ќе значи почеток на нова ера каде етничкото и расното потекло нема политички да ги делат луѓето.

Пакистанската амбасада во Вашингтон вели дека претседателот Асиф Али Зардари изразил надеж за зајакнување на пакистанско-американските односи со новото раководство.

Се радуваа и деца и наставници од Џакарта, во Индонезија, во училиштето каде Обама учел како дете.

XS
SM
MD
LG