Линкови за пристапност

Американците излегуваат на историско гласање


Американските гласачи денес ќе решат кој ќе го наследи претседателот Џорџ Буш во Белата Куќа, Републиканецот Џон Мекејн или Демократот Барак Обама.

Гласањето е во тек во најголем дел од државите на САД и во Вашингтон ДЦ. Долги редици се формираат пред гласачките места низ целата држава.

Доколку Обама е избран, тој ќе биде првиот африкански Американец за претседател. Доколку Мекејн е избран тој би бил најстариот човек избран на оваа функција за прв мандат, а неговата избраничка за потпретседател Сара Пејлин би била првата жена потпретседател.

Обама води пред Мекејн за околу осум процентни поени според просекот од истражувањата на јавно мислење, но Мекејн верува дека неговата кампања има доволно полет за победа во клучни држави.

Мекејн води кампања во Колорадо и Ново Mексико, надевајќи се дека ќе фати чекор со неговиот ривал. Во меѓувреме, Обама гласаше во неговата држава Илиноис, пред да продолжи со кампањата во историски републиканската држава Индијана.

Економијата стана централно прашање последниве месеци на оваа епска претседателска кампања.

Мекејн вети дека ќе го намали расипничкото трошење и дека ќе се справи со корупцијата во Вашингтон, додека Обама вети дека ќе ги намали даноците за средната класа.

И двата кандидати ветија промени во Вашингтон и покажаа желба да се дистанцираат од непопуларниот претседател Џорџ Буш.

Исто така денес, Американците ќе изберат 435 членови на Претставничкиот дом, кои служат две години, и околу една третина од 100те Сенатори (35) кои служат шестгодишен мандат.

Во САД, секоја држава има одреден број електорски гласови зависно од својата популација и конгресна репрезентација. Победничкиот кандидат мора да добие најмалку 270 од 538 електорски гласови.

XS
SM
MD
LG