Линкови за пристапност

Аналитичарите очекуваат рекорден одзив на вторничките претседателски избори во САД


Аналитичарите очекуваат рекорден одзив на вторничките претседателски избори. Милиони луѓе веќе го дадоа својот глас. Според изборните органи, над 23 милиони Американци веќе го дале својот глас во таканареченото „рано гласање“ што е дозволено во 34 сојузни држави. Властите во Флорида, Џорџија, Северна Каролина и други држави јавуваат за рекорден одзив. На некои места луѓето чекале во долги редици и по шест часа за да го дадат својот глас.

Жителите на два мали града во североисточната американска сојузна држава Њу Хемпшир ќе бидат први што ќе имаат шанса да го дадат својот глас на редовното гласање во вторник. Согласно традицијата, гласачките места во Диксвил Ноч и Харт Локејшн ќе бидат отворени на полноќ - неколку часа пред да почне гласањето на остатокот од земјата.

Се` започна во Харт Локејшн во 1948-ма, со цел да им се излезе во пресрет на железничарите од градот, кои морале да бидат на работа пред да отворат гласачките места.

Претседателските кандидати, демократот Барак Обама и републиканецот Џон Мекејн го минуваат последниот ден од кампањата во сојузни држави за кои се смета дека ќе бидат клучни за конечниот исход, разменувајќи критики.

Обама во Флорида кажа дека кога станува збор за економијата, Мекејн не е партиски независен и нескротлив, туку попрво резерва на претседателот Џорџ Буш. Анкетите покажуваат дека економската криза како изборно прашање му помогна на Обама да создаде разлика пред Мекејн.

Мекејн се дистанцираше од претседателот Буш, велејќи дека не се согласува со неговата економска политика. Тој го обвини Обама дека планира „ново големо даночно зголемување“ како и дека се наоѓа во “крајната левица на американската политика“.

Според последните анкети на национално ниво, Мекејн заостанува зад Обама во просек за 7,4 проценти.

Доколку биде избран, Обама ќе стане првиот претседател – афро-Американец, додека 72-годишниот Мекејн би бил најстариот во неговиот прв мандат.

XS
SM
MD
LG