Линкови за пристапност

Обама, афро-Американец, во историска кампања   


Заштитен знак на кампањата на демократскиот претседателски кандидат Барак Обама е ветувањето дека ќе донесе промени. Со таков тон говори и во однос на економската криза, во очигледен обид да се издвои од републиканскиот соперник Џон Мекејн. Обама веќе влезе во историјата со тоа што е првиот афро-Американец – претседателски кандидат на една од двете најголеми партии во САД.

Барак Обама е роден на Хаваите пред 47 години, од татко Кениец и мајка Американка од Канзас. Дел од детството минува во Индонезија, а подоцна студира на престижните универзитети Колумбија и Харвард. Во формирањето на политичката кариера бил активен на локално ниво, во сиромашните квартови во Чикаго. Во 2004-та станува сенатор. Истата година одржува забележителен говор на Демократската национална конвенција. Оттогаш е во фокусот на јавноста на национално ниво.

Приврзаниците сметаат дека е позитивно што говори за надежите и за идеалите на Американците, како кога победи на прелиминарните избори во Ајова, во јануари:

-Некои велеа дека никогаш нема да дојде овој ден. Tврдеа дека имаме преголеми очекувања; дека државата е премногу поделена за да се обедини по една заедничка цел. Но, оваа јануарска ноќ, во овој пресуден момент од историјата, направивте нешто што циниците тврдеа дека не е можно.

Обама на прелиминарните партиски избори освои повеќе гласови од сенаторката Хилари Клинтон, станувајќи првиот афро-Американец кој добил претседателска номинација од една од двете најголеми политички партии во САД.

Денис Џонсон, професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон, смета дека организацијата на кампањата на Обама е импресивна:

-Многу добра во - така да се изразам - играта на теренот, во мотивирање на гласачите, во нивна регистрација, преку електронски пораки... Можеби најдобра што ја сум ја видел досега.

Големите донации му овозможија да ја преплави земјата со рекламни пораки за тоа што би правел кога би бил претседател. Некои експерти наведуваат дека Обама созреал за време на кампањата, стекнал самодоверба и претседателски стил.

Загриженоста на гласачите за американската финансиска криза влијаеше Обама да ја зголеми предноста пред Мекејн, судејќи според последните анкети.

Аналитичарите велат дека неговата кампања ги поттикнала младите, како што никој не успеал во изминатите години, а истражувања покажуваат и дека ги освоил симпатиите на многу луѓе - надор од САД.

XS
SM
MD
LG