Кој и да стане нареден претседател, ќе биде соочен со консензус во официјален Вашингтон дека треба да ги зближиме Грција и Македонија, но и да оставиме на нив да решат за условите на договорот, вели Џон Ситилидис, републикански аналитичар и прв човек на компанијата за владини односи Трилоџи Адвајсорс од Вашингтон во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.
Ситилидис верува дека без оглед на политичката припадност на претседателските кандидати и влијанието од лоби – групите, во официјалните кругови во Вашингтон постои поширок, натпартиски консензус за прашањето за името:
- Нашите пријатели во странство често забораваат една работа - постои перманентна надворешно-политичка бирократија и владини инстанци во Вашингтон. Не се менува за 180 проценти, затоа што има нов претседател.
Ситилидис додава дека овие инстанци не претпочитаат една страна на сметка на другата, туку се за зближување на двете соседни земји што е можно повеќе.
Згора на тоа, владите во Атина и Скопје не треба да очекуваат дека САД ќе им понудат „спас“ во однос на прашањето, туку попрво самите треба направат, нагласува Ситилидис, „болни отстапки“ во полза на безбедноста и иднината на регионот:
- На крајот, мислам дека мора да има поголемо чувство на доверба и обострано почитување меѓу владите на Атина и Скопје, што треба да се прелее до луѓето и заедниците, бидејќи сегашната игра во голема мера е „оваа страна направи ова, онаа страна направи она“, и тоа само раѓа посилни националистички чувства, поголемо непријателство кон другата страна, а последното што луѓето на Македонија би требало да го посакаат од целата ситуација е ова да стане „замрзнат спор“ во полза на националистичка гордост, што засекогаш ќе ја држи Македонија надвор од НАТО и ЕУ.
Ситилидис коментира и дека „Грција нема целосно да ги унапреди своите интереси доколку Македонија не влезе во НАТО, но може да живее со Македонија надвор од НАТО. Прашањето е, дали Македонија може да преживее надвор од НАТО, и тоа е мошне неизвесно прашање“. Тој додава дека и Грците ќе мора да направат болни отстапки, како и дека стануваат се` посвесни дека прашањето треба да се надмине во полза на безбедноста на грчките граници.
Според Ситилидис, и Европската унија треба да има понагласена улога во надминувањето на ситуацијата, бидејќи во основа се работи за европско прашање, а ЕУ се декларира дека е рамка не само на економска зона на слободна трговија, туку и на политичка консолидација и добрососедски односи.