Македонските преговарачи Никола Димитров и Мартин Протуѓер на едночасовната консултативна средба со посредникот Метју Нимиц во неговата адвокатска канцеларија во Њујорк ги изложиле позициите на Република Македонија во однос на неговиот последен пакет идеи.
-Беа понудени и реафирмирани аргументите кои стојат зад интересите на државата и нацијата. Разговаравме за процесот. Не би можел да дадам детали за суштината. Прашањето за името е исклучително значајно за нас, за Република Македонија, и ќе биде контрапродуктивно - и во однос на државниот интерес, и во однос на процесот - да се кажат повеќе детали. Во секој случај, имавме корисна средба, изјави Димитров за Гласот на Америка на македонски.
Рано е да се каже дали Нимиц ќе патува за Скопје и за Атина, но секако ќе има контакти со грчката страна во блиска иднина, оцени македонскиот преговарач.
Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на македонскиот премиер Никола Груевски, на прашање дали постои усогласен став меѓу премиерот и претседателот за позицијата што била изнесена на последната средба во Њујорк, коментираше дека таа е резултат на претходна координација:
-Во Њујорк дојдовме по координацијата меѓу двата Кабинета и ги пренесовме упатствата што претходно беа усогласени. Република Македонија ги претстави своите позиции на добар начин. Тие одговараат на државните интереси, на она што значи стратегија на Македонија, на она што значи национален интерес, рече Протуѓер.