Линкови за пристапност

Буш:  НАТО чува место за Македонија на масата


НАТО чува место за Македонија на заедничката маса, порача американскиот претседател Џорџ Буш на петочната церемонија во Белата Куќа, на која во присуство на генералниот секретар на НАТО Јап де Хуп Шефер, ги потпиша протоколоите за прием на Албанија и Хрватска.

-САД со нетрпение го очекуваат денот кога во НАТО ќе бидат сите земји од Балканот, меѓу кои и Македонија. Му благодарам на македонскиот амбасадор што денес ни се придружи. Горди сме на чекорите што ги презедовте да ја зајакнете својата демократија. Великиот НАТО-сојуз чува место за вас на масата. Со нетрпение го очекуваме вашиот прием како полноправна члнека на НАТО, што е можно побргу, рече Џорџ Буш.

Американскиот претседател оцени дека влезот на Албанија и Хрватска во НАТО е историски чекор за Балканот со оглед на тоа што „во текот на една деценија, овој регион се трансформираше - од опфатен со војни, во придонесувач за меѓународниот мир и безбедност“.

Албанија и Хрватска добија покана за членство во НАТО на Самитот во април годинава во Букурешт. Поради вето од Грција, НАТО на истата средба одлучи поканата за Република Македонија да биде упатена “веднаш откако ќе биде постигнато заеднички прифатливо решение за името“, како што стои во завршната декларација на Самитот.

Во неодамнешно интервју за Гласот на Америка, поранешниот американски заменик-помошник секретар за одбрана за европска и НАТО-политика Даниел Фата, кој учествуваше на Самитот во Букурешт, кажа дека САД биле разочарани што Македонија не доби покана заедно со Албанија и Хрватска и прогнозираше дека тоа ќе се случи најдоцна до следниот самит на НАТО во април 2009-та година.

XS
SM
MD
LG